Бензема и Крос ја запреа Барса, каталонците заборавија како се победува на „Ел Класико“

Реал Мадрид славеше на вечерашното Ел Класико против Барселона со 2-1, продолжувајќи ја серијата добри игри во дуелите со каталонскиот гигант и искачувајќи се на делба на првото место во Ла Лига. За избраниците на Реал ова беше трета победа во низа на „Ел Класико“ дуелите (што се нема случено од 1978 година), со што „кралевите“ ја прекинаа серијата на Барселона од 19 натпревари без пораз во Ла Лига.

Барселона од самиот почеток имаше повеќе од поседот врз топката, но обидот на Куман да го изненади ривалот со формација со тројца дефанзивци во линија и офанзивните Алба и Дест по бековските позиции се покажа како големо промашување. Токму од страната на истрчаниот Алба падна првиот гол, откако Васкез имаше премногу простор за маневар и проигра кон петерецот, каде Бензема со неверојатна луцидност, со пета ја смести топката во долниот агол од голот на Барселона. Нешто подоцна Реал стигна и до 2-0, откако слободниот удар на Крос го закачи Дест и заврши во мрежата. Валверде при 2-0 ја погоди гредата, а и Барса во финишот од полувремето пропушти убава шанса преку Меси.

Куман си ја призна грешката внесувајќи го Гризман на местото на Дест, префрлајќи го Мингуеза на десен бек и Дембеле на крилна позиција. Ова придонесе Барселона да биде многу поконкрентна во нападите, па и да ја намали негативата токму преку Мингуеза, кој се најде на вистинското место по центаршутот на Алба и го совлада Куртоа. Двата тима имаа одлични шанси при 2-1, а големи проблеми на фудбалерите им создаваше обилниот дожд што паѓаше во Мадрид.

Барса во завршните десет минути тргна во целосна офанзива откако влегоа и Бреитвајт и Тринсао, а во 84. минута се случи и најспорниот момент на ова дерби, Бреитвајт падна во шенаесетникот по контактот со Менди, но судијата и покрај бројните протести на каталонците одби да ја погледне самиот ситуацијата, покажувајќи му жолт картон за приговор на Алба. Кашемиро доби црвен картон во 90. минута, правејќи фаул за слободен удар на дваесетина метри од голот, но шутот на Меси под гредата беше запрен од Куртоа. Вистинска драма се случи во 94. минута, кога Барса дојде до зицер-ситуација, но ударот заврши само во гредата.

Реал Мадрид со вечерашниот триумф се искачи на делба на првото место на табелата во Ла Лига, рамо до рамо со Атлетико Мадрид („јорганџиите“ имаат меч помалку од „кралевите“), со еден бод предност во однос на Барселона.

Се вчитува...