Бензема: Не знам дали Роналдо ќе дојде во Реал, знам само дека Аталанта постигнува многу голови

Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема не беше дел од шпанскиот тим на првиот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите против Аталанта, но тој ќе се врати вечерва во тимот за претстојниот реванш натпревар. По тој повод, тој со избрани зборови се обрати за тимот од Бергамо, но и за потенцијалното враќање во Мадрид на поранешниот колега од офанзивната линија, Кристијано Роналдо.

Реал вечерва од 21 часот ќе се сретне со Аталанта во Мадрид, а резултатот на првиот дуел беше 1-0 за „кралевите“.

„Подготвен сум, се чувствувам добро и целосно се опоравив. Морам да продолжам да им помагам на моите играчи, а Аталанта е одличен тим. Никогаш не потценуваме никого во Лигата на шампионите. Тие навистина постигнуваат многу голови, а во Лигата на шампионите секогаш има голем притисок. Ние ги почитуваме нашите ривали, но свесни сме дека и нашиот тим е силен“, рече 33-годишниот Карим Бензема.

Французинот се осврна на написите во медиумите за потенцијалното враќање на Кристијано Роналдо во Реал Мадрид.

„Не можам да зборувам за играчи кои не се членови на нашиот тим. Роналдо игра за Јувентус и постигнува многу голови за нив. Тие ќе одлучат за неговата иднина“, изјави францускиот напаѓач.

Бензема е во Реал Мадрид од 2009 година, а со „кралскиот клуб“ освои четири титули во Лигата на шампиони и трипати беше шампион во Ла Лига.

Се вчитува...