Берни Еклстон доби отказ од Формула 1

Во септември минатата година официјално беше потпишан договорот за предавање на сите права во Ф1 од страна на Берни Еклстон кон американската компанија Либерти Медиа. Медиумскиот магнат Џон Малоун стана нов сопственик, но одлучи да го задржи Еклстон како извршен директор во спортот во кој е повеќе од 40 години, а денес, по краток период на таа функција поранешниот сопственик на Формула 1 беше разрешен.

Чејс Кери кој требаше да биде член на извршниот одбор на Либерти Медиа ќе биде новиот извршен директор додека Еклстон ќе ја добие титулата почесен претседател.

„Денес бев разрешен и имам нова позиција која има американски термин. Имам титула, но не знам што точно значи. Нема да бидам многу присутен во канцелариите на Ф1, но сигурно во текот на годината ќе посетам некоја трка. Сè уште имам пријатели во Ф1 како и доволно пари за да си го дозволам тоа“ – потврди Еклстон притоа додавајќи дека веројатноста дека ќе остане во Советот при ФИА е речиси непостоечка.

„Многу се сомневам во тој исход, но ќе морам првин да разговарам со претседателот на ФИА, Жан Тод“ – дополни Еклстон.

Се претпоставува дека Доналд Мекензи, кој е еден од мнозинските сопственици на ЦВЦ комапнијата (сега веќе поранешен сопственик на Ф1), сакал Екслтон да има поголема улога од почесна титула, но бил надгласан на еден од состаноците од страна на Либерти Медиа.

Се вчитува...