Машката сениорска репрезентација на Македонија е подготвена за нов предизвик во претквалификациите за Евробаскетот 2029. Вечерва, со почеток од 18:00 часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал ќе ја пречекаат селекцијата на Ирска во натпревар од петтото коло во групата „А“.
Македонија влегува во дуелот со максимален ефект од четири победи во исто толку натпревари, меѓу кои е и убедливиот триумф во Даблин (88:76), со кој беше потврдена лидерската позиција во групата.
Селекторот Жозеп Марија Берокал е задоволен од сработеното во подготвителниот период и од начинот на кој репрезентативците го прифатиле неговиот систем на работа.
„Од ден во ден тимот е подобар, мораш да работиш за да се подобруваш. Тимот расте и покрај потребата често да менуваме. Го немавме истиот ростер, некој доаѓаше, некој си одеше, се менуваа Американците. Но, во последната седмица имав 15 играчи за работа, на кои сметам за натпреварот против Ирска и сакав да бидат добро подготвени. Среќен сум од она што го гледам од екипата. Играчите сакаат да играат, имаат желба и се држат до тактиката. Сакаме да го завршиме овој прозорец со добри натпревари и резултати“, истакна Берокал.
Иако Македонија веќе еднаш ја совлада Ирска во овој квалификациски циклус, Берокал предупредува дека денешниот противник има променет состав и заслужува максимална почит.
„Ирска е различен тим од претходниот прозорец, има доста промени, многу нови играчи. Тоа може да биде и ризик, затоа што ќе играат растеретено, без притисок и ќе преземат ризик.“
Сепак, селекторот смета дека исходот најмногу ќе зависи од изданието на македонската репрезентација.
„Ние сме подготвени, сè е на нас. Мора да се покажеме во добро светло, да ја одиграме најдобрата кошарка и да бидеме близу до победата. Прво ја гледаме Ирска, а Луксембург од оваа гледна точка изгледа далеку“, порача Берокал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
