Беше еднаш еден Металург, што победуваше во ЛШ (фотогалерија)

Беше еднаш еден Металург, кој победуваше во Лигата на шампионите. Иако календарски не премногу, сепак предалечни се чинат времињата на Мојсовски, Миркуловски, Манасков, Вугринец… кога овој тим неколку години по ред играше и во четвртфиналето од ЛШ.

Од денешна перспектива далеку е и тимот од претходните две-три години, кога Талески стрелаше без грешка, а Кузмановски се „брусеше во дијаман“, екипа што во групите Ц и Д играше топло-ладно, но сепак покажуваше квалитет и победуваше ривали, и во Скопје и на гостински терен. Точно е, овој Металург е дополнително подмладен, згора на тоа и непосредно пред стартот на сезоната остана без Кузмановски, но факт е дека кога се учествува во СЕХА и во ЛШ, се очекува најмалку победа во Скопје над ривали како Извиѓач или Бешикташ, кои реално се при самото дно во овие две натпреварувања.

За жал, Металург е далеку под нивото, со сили за едно полувреме и без лидер што ќе преземе одговорност кога остатокот од тимот ќе затаи, па ќе извлече и позитивен резултат. Данило Брестовац и пред самото доаѓање беше свесен за големината на предизвикот, но и на нашиот двоен селектор (на младинците и кадетите) му е јасно дека час поскоро мора да најде лек за кризата – за Металург да не прерасне во тим со губитнички менталитет, нешто што во моментов изгледа како реална опасност.

Се вчитува...