Беше МВП во Австрија, па потпиша за Работнички

Предолго траеше молкот во „Градски парк“, но Работнички пред крајог на месецов конечно се активираше и почна да се екипира за наредната сезона. Кратката забрана за трансфери од ФИБА е крената, па „центарци“ се во можност да ангажираат нови кошаркари.

А прв од странците кои ќе пристигнат во „Градски парк“ е Хејден Лесколт, американски плејмејкер кој пристигнува од редовите на Оберварт. Станува збор за плејмејкер од кого новиот тренер Мираковски ќе очекува да биде главен организатор на играта во наредната сезона, во ситуација кога Работнички ги загуби трите плејмејкери од ланскиот шампионат (Мираковски се пензионираше, а Стајиќ и Караџовски заминаа во Кожув).

Зад Лесколт е одлична сезона во австрискиот шампионат, каде во просек постигнуваше по 17,5 поени и 6,3 асистенции по натпревар. Пред Австрија овој кошаркар има настапувано во третата германска лига, во тимот на Ехинген.

Претходно „центарци“ се засилија со Главчев и со Глигоријевиќ од Блокотехна, а во однос на ланската сезона во клубот останаа Ефремовски, Николовски и Младеновиќ.

Се вчитува...