Беспарица или семејни причини: Омот си замина од МЗТ Скопје!

Нуни Омот од денеска повеќе не е член на МЗТ Скопје, откако актуелниот првак на Македонија објави дека го раскинал договорот со кенискиот кошаркар кој беше најавуван како мега-засилување за „металците“. Крилниот центар стигна до една МВП награда во АБА2 лигата, но „сино-белите“ обелоденија дека поради семејни причини не бил доволно фокусиран на настапите и тренинзите.

 „Крилниот центар веќе извесен период има семејни проблеми, поради што не можеше целосно да им се посвети на професионалните обврски, ниту, пак, да биде максимално концентриран на средбите на нашиот тим. Сериозноста на овие проблеми наложува тој да биде заедно со своето семејство во САД, па со оглед што не беше познато кога тие ќе се решат и кога тој би можел да се врати во Македонија, заеднички е заклучокот дека најдобро за двете страни е договорот да биде раскинат“ – се вели во соопштението на веб-страницата на македонскиот првак.

Наспроти ова соопштение, се погласни се шпекулациите во јавноста дека аеродромци се соочуваат со сериозни финансиски проблеми, што всушност била и главна причина за заминувањето на Омот. Неофицијално, Американецот веднаш по враќањето од Никшиќ и поразот од Сутјеска јасно ставил до знаење дека нема намера да продолжи да го носи дресот на МЗТ додека не бидат исплатени долговите кон него. Еден ден подоцна, следеше сооштението за раскин на договорот.

Доколку ситуацијата не биде променета наскоро по негови стапки би можел да тргне и вториот Американец Хиндс, што сигурно ќе биде огромен проблем за стручниот штаб во ситуација кога МЗТ игра во згуснат термин на два фронта.

Се вчитува...