„Бев шокиран од Миовски, никој друг не дава топка за пенал кога може да даде хет-трик“

Бојан Миовски е главна фигура во таборот на Абердин, откако македонскиот ас ја продолжи серијата одлични настапи со два гола на дуелот со Ливингстон.

Сепак, Миовски остана во центарот на вниманието со својата скромност, откако при вториот досуден пенал имаше шанса да го постигне својот прв хет-трик за Абердин, но несебично му ја остави топката на Висенте Бесуијен.

Колумбиецот го реализираше ударот од белата точка, но по натпреварот откри дека и самиот бил изненаден од несебичниот гест на Македонецот.

„Бојан е нашиот пеналџија и тука нема никаква дилема. Кога судијата го досуди вториот пенал за нас ме погледна и ми рече – сакам да ти ја дадам топката ти да шутираш. Искрено бев шокиран бидејќи никој друг не дава топка за пенал кога тој самиот може да стигне до хет-трик. Тоа беше прекрасен гест, ми покажа дека верува во мене и со тоа уште повеќе ми ја зголеми самодовербата. Јас сум пријатно изненаден од Миовски, кој одлично ја стартуваше сезоната, експресно се адаптираше на нашиот стил на игра. Бојан е константна опасност по голот на противниците, а за нас е одлично што имаме напаѓач што е секогаш гладен за постигнување на голови“, изјави Бесуијен.

Се вчитува...