Без голови во Сараево: Кај Македонија недостасуваше креативност, кај БиХ реализација

ЕКИПА во Сараево, БиХ
Горан Бошев

Не виде ниту еден гол публиката на преполниот стадион „Асим Ферхатовиќ Хасе“ во Сараево, кои дојдоа да ги испратат своите херои на Мундијалот. Нивната селекција не постигна погодок, иако имаше подобри шанси од Македонија. Нашата селекција, пак, тешко доаѓаше до шанси. Се покажаа болката околу креативноста во нападот и на овој натпревар, како и на претходните два, па така трет меч во низа Македонија е без постигнат гол. Напаѓачите и вечерва немаа употребливи топки, во средината се виде недостатокот на Енис Барди, затоа одбраната имаше доста работа, а нашите бекови огромни проблеми против крилните играчи на Босанците, особено во првото полувреме. За разлика од првиот, во вториот дел Македонија не направи ниту една прилика, но и БиХ не се истакна во вториот дел со некои посериозни шанси.

Македонија на почетокот ја препушти иницијативата на противникот. Босна и Херцеговина се обидувше од секаде да пробие, од крилните позиции најмногу, од каде дојдоа нивните најдобри шанси во првото полувреме.

Така Бајкрактаревиќ по десната и Алајбеговиќ по левата страна правеа огромни проблеми на нашата одбрана. Токму Алајбеговиќ во четвртата минута ја погоди пречката од голот на Македонија, и тоа беше првата закана.

Најдобрата шанса на МАкедонија во првиот дел, а и воопшто во натпреварот дојде по грешка на домашните играчи. Катиќ направи огромен кикс, а Миовски веќе го совлада Зломислиќ, меѓутоа топката од гол линијата ја извади Радељиќ во 32. минута.

Оваа шанса како да ги разбуди домашните играчи, кои до крајот на првите 45. минути доминираа, а имаа и две добри прилики, и една полушанса.

фото: Facebook/ Фудбалска Репрезентација на Македонија

Најпрво шутираше Гиговиќ право во Димитриевски, а потоа на сцена стапи Бајрактаревиќ, кој сервира одлично до Баждар, кој со глава ја погоди стативта. Алајбеговиќ во финишот од средбата по грешката на Јанкулов се најде во одлична шанса, но за наша среќа стигна Велковски да изблокира пред топката да заврши во мрежата.

На полувремето БиХ го смени целиот тим, додека Гоце Седлоски направи пет замени. Во една таква ситуација Боснаците продолжија да ја контролираат топката, а се гледаше нивната желба да постигнат гол и дад го отворат натпреварот. Но, нашата одбрана во првите 10 минути го издржа притисокот кој доаѓаше повторно од крилните позиции на нововлезените фудбалери Мемиќ и Махмиќ.

Демировиќ во 69. минута имаше уште една добра шанса, и повторно од крилната позиција, ама неговиот удар заврши само покрај голот на нововлезениот Шишковски. Нашиот голман несигурно интервенираше по ударот на Башиќ, но некако Македонија успеа и овојпат да се одбрани. До крајот на натпреварот се играше мирно, а мирно беше и на трибините, па така немаше посериозни шанси ниту на едната, ниту на другата страна.

Селекторот Гоце Седлоски на овој меч внесе и четворица дебитанти, Јанкулов во првиот состав, додека Аломеровиќ, Анѓелески, Омерагиќ влегоа во второто полувреме.

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР

БИХ – МАКЕДОНИЈА 0-0

Олимписки стадион „Асим Ферхатовиќ Хасе“ во Сараево. Гледачи: 30.000.

Судија: Раде Обреновиќ (Словенија)

Стрелци: /

Ж. Картони: Алиоски (М).

БИХ: Зломислиќ, Дедиќ (46’ Хаџикадуниќ), Радељиќ (46’ Челик), Катиќ (46’ Мухамеровиќ), Мујакиќ (46’ Бурниќ), Бајрактаревиќ (46’ Башиќ), Тахировиќ (60’ Малиќ), Гиговиќ (46’ Хаџиахметовиќ), Баждар (46’ Махмиќ), Алајбеговиќ (46’ Мемиќ), Лукиќ (46’ Демировиќ).

Селектор: Сергеј Барбарез

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски (60’ Шишковски), Зајков (46’ Фетаи), Велковски (60’ Серафимов), Муслиу (86’ Манев), Јанкулов (46’ Чурлинов), Херера (46’ Аломеровиќ), Николов (60’ Анѓелески), Атанасов (46’ Елези), Елмас (70’ Алиоски), Растодер (46’ Омерагиќ), Миовски (60’ Ристовски).

Селектор: Гоце Седлоски

Се вчитува...