Македонската репрезентација се соочува со огромен проблем во пресрет на преостанатите две средби од претквалификациите за Евробаскет 2021, откако Ричард Хендрикс беше принуден да му откаже на селекторот Јорданчо Давитков за дуелите со Словачка и со Швајцарија.
Одличниот центар дојде во последен момент за да помогне на првите средби од овој претквалифиски циклус, но болест е причината поради која Хендрикс нема да може повторно да го облече црвено-жолтиот дрес. Како што јавува „баскетбол.мк“, ситуацијата воопшто не е наивна, Хендрикс боледува од мононуклеоза, што само по себе значи подолга пауза за него од спортските терени.
Останува да се види дали Давитков воопшто ќе повика нов натурализиран кошаркар во репрезентацијата, ако се знае дека неговиот прв избор, Џордан Теодор, нема дозвола за настап од тимот на Милано, поради „војната“ меѓу Евролигата и ФИБА што никако не завршува. Добра вест е што во националниот тим се враќа Бојан Трајковски, кој ги надмина проблемите со повредата што го мачеше при претходните натпревари на македонската репрезентација.
Само за потсетување, Македонија има максимални две победи по првите две кола во групата и со триумф над Словечка во Скопје нашата национална селекција би си го осигурала пласманот во следната квалификациска фаза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА