Без Милков и Стошиќ, одбојкарите ќе одат на пријателските против Романија

Повеќенеделните подготвителен периодво Маврово е при крај. Одбојарската репрезетација полека се префрла на третата фаза од подготвките за настапот на Европското првнество во Словенија. На собир се петнаесетмина играчи, а од списокот на селекторот Никола Матијашевиќ сега недостасува само Марко Јуниор Стошиќ.

Повредата на стомачните мускули значи дека тој не само што нема да работи деновиве со тимот, туку и нема да патува во Крајова на првите контролни мечеви претстојниот викенд. Со оглед дека се приклучи подоцна и се уште физички не е на потребното ниво, против Романците нема да игра ниту Александар Милков.

Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Маџунков се веќе во полна сила, а со помал интензитет тренира капитенот Никола Ѓорѓиев, но не станува збор за повреда којашто може да го спречи да настапи против Романија.

Со репрезентацијата е и новиот асистент на селекторот Матијашевиќ, српскиот стратег Душко Николиќ, така што македонскиот национален состав е речиси комплетен пред пријателските средби коишто треба да бидат финална подготовка за настапот во Љубљана.

По двомечот со Романија, одбојкарите ќе се вратат во Скопје каде што од 23-ти до 25-ти овој месец ќе одиграат два натпревара и ќе имаат еден заеднички тренинг со Шведска, а на 30-ти и на 31-ви ќе се тестираат на традиционалниот турнир „Чајка“ на којшто ќе учестуваат Белгија, Бугарија и Украина. Потоа следува уште еден двомеч, но на гостински терен во Австрија како последна проверка пред Европскиот шампионат. Значи, за разлика од Маврово каде што одбојкарите работеа изолирани, сега на ред е период со комбинација од тренинзи и од натпревари, така што втората половина од двомесечните подготовки би требало да помине побрзо. Главното е од 12-ти до 17-ти септември во Љубљана каде што македонската репрезентација ја заработи привилегијата првпат да се промовира на големата евросцена.

Се вчитува...