БИБЛ: По Фени, испадна и Кожув

Кожув е вториот македонски клуб што во два дена, по Фени индустри, е елиминиран во четвртфиналето од БИБЛ-лигата. Тимот од Гевгелија вечерва славеше на реваншот против Пеќ (77-67), но и тоа беше недоволно за полуфинале поради убедливиот пораз од 83-66 на првиот четвртфинален дуел во Косово.

Тимот на Игор Михајловски импресивно го почна натпревар, па во беспрекорната прва четвртина Кожув речиси целосно ја надополни негативата од првата средба. По десет минути игра резултатот гласеше 28-13 за македонскиот претставник, но гостите, на чија клупа се наоѓа Александар Тодоров, возвратија во втората четвртина, добивајќи го овој дел од мечот со 15-23.

Кожув се обиде да стори нешто повеќе во второто полувреме, на четири минути до крајот тимот од Гевгелија стигна до „плус шеснаесет“ (74-58), но немаше сили за да го зададе решавачкиот удар, гостите се вратија со мини-серија и на крајот мечот заврши со недоволни десет поени позитива за Кожув.

Бојан Крстевски одигра одличен натпревар и со 20 поени беше најефикасен кај Кожув, пред Мекнил со 19.

По елиминациите на Кожув и на Фени индустри, сега Куманово останува единствен претставник на Македонија во полуфиналето од БИБЛ. Кумановци во оваа фаза ќе се сретнат токму со тимот на Пеќ.

Се вчитува...