БИБЛ: Сигурна победа на ТФТ вредна пласман во следната фаза!

ТФТ со убедлива победа од 91-75 над Ибар во заостанатиот натпревар од третото коло во БИБЛ лигата успеа да се пласира во понатамошната фаза од регионалното првенство. Избраниците на Смилковски одиграа фантастично прво полувреме во кое целосно ја контролираа играта, постигаа 59 поени, а примија само 32, па и покрај падот во играта во вториот дел од натпреварот сосема заслужено стигнаа до победата.

Двата тима се мачеа да најдат решение во нападот на почетокот на натпреварот, а иницијативата прв ја зема македонскиот состав. Благодарение на агресивната одбрана, ТФТ доби шанса да ја наметне својата одлична игра во транзиција, а истата потпомогната со офанзивниот скок и добрата заштита на рекетот, резултираше избраниците на Смилковски да поведат со 28-12 по 10 минути игра. Течните напади на ТФТ продолжија и на отварањето на втората четвртина па „црно-белите“ стигнаа и до предност од 20 разлика (40-20). Ибар возврати со добра игра под рекетот на ТФТ и на момент успеа да ја намали предноста, меѓутоа тимот од Тафталиџе повторно го врати добриот напаѓачки ритам па на полувремето замина со предност од 59-32.

Гостите од Црна Гора повторно запретија на почетокот на второто полувреме, одиграа добро во одбраната каде ги неутрализираа лесните поени на ТФТ, но не успеаа да го пренесат добриот ритам во текот на целата четвртина. Избраниците на Смилковски ги консолидираа своите редови, ги користеа грешките на Ибар па на крајот на третата четвртина на семафорот стоеше предност од +20 (72-52). Добриот моментум на гостите продолжи и во последните десет минути, преку агресивната одбрана Ибар успеа да ја намали негативата на 77-65, но младиот состав на ТФТ не дозволи изненадување, ја зацврсти одбраната и приреди мирен финиш на натпреварот до кој ја врати високата предност.

Лахланд Андерсон беше првото име во редовите на ТФТ со 24 поени, а него го следеше Стахил Николов со 12 поени и 6 скока. Амир Смит додаде дабл-дабл учинок од 11 поени и 11 скока, додека како двоцифрени со по 10 поени натпреварот го завршија и Андреј Митревски и Ландриус Хортон.

Се вчитува...