Бил даде 55 поени, но и тоа беше недоволно за триумф над Милвоки

Вашингтон и Милвоки одиграа суперинтересен натпревар во кој славеа гостите по продолжение од пет минути, со резултат 134-137. Бредли Бил одигра извонреден меч постигнувајќи дури 55 поени, но и тоа беше недоволно да се земе скалпот на најдобриот тим во источната конференција. На спротивната страна, Крис Мидлтон беше прв стрелец на Милвоки со 40 поени, додека Адетокумбо оствари дабл-дабл од 22 поени и 14 скокови.

Далас предводен од Лука Дончиќ стигна до убедлива победа над Минесота (139-123). Словенечкиот ас го заврши мечот со 20 поени, 9 скокови и 7 асистенции, а најефикасен во таборот на Далас беше Хардавеј Џуниор со 23 постигнати поени.

ЛА Клиперс преубедливо триумфираше над Мемфис со 27 поени разлика (124-97). Ленард беше стрелец на 25 поени во триумфот на својот тим, додека Харел реализираше 22 поени влегувајќи од клупата за резерви.

Расел Вестбрук не настапи, па Џејмс Харден ја презеде целосно лидерската улога во тимот на Хјустон за дуелот со Њујорк (123-112). „Брадата“ постигна 37 поени, а прв стрелец на гостите беше Берет со 21 поен.

Резултати НБА:

Кливленд – Мајами 125-119 (по прод.), Филаделфија – Атланта 129-112, Вашингтон – Милвоки 134-137 (по прод.), Бруклин – Орландо 113-115, Хјустон – Њујорк 123-112, Далас – Минесота 139-123, Јута – Феникс 111-131, ЛА Клиперс – Мемфис 124-97.

Се вчитува...