Битка за куп-трофејот: Вардар го брани тронот во Струмица

Се е подготвено за ракометен спектакл во Струмица, каде од денеска па се до недела ќе се одржува завршниот турнир од Купот на Македонија. Бранител на трофејот е Вардар, „црвено-црните“ лани во финалето го совладаа Пелистер, а овојпат сакаат со одбрана на куп-пехарот да стигнат и до двојна круна.

„Вардарци“ имаат четири куп-трофеи во последните пет сезони, а за ривал во полуфиналето ќе го имаат тимот на Алкалоид. Избраниците на Кире Лазаров пред две сезони ги изненадија фаворитите и стигнаа до големиот пехар, а денеска допатуваа во Струмица со амбиција повторно да ги замрсат сметките на „вардарци“ и да заиграат во ново куп-финале.

Секако, фаворитската улога им припаѓа на „црвено-црните“ кои играат фантастично цела сезона, но шарм на куп-завршниците им даваат токму шансите за изненадувања, нешто што Алкалоид сигурно ќе настојува да го искористи ако се укаже таква можност.

Денешната полуфинална програма ќе стартува во 17 часот со дуелот меѓу Охрид и Пелистер. „Зелено-белите“ лани во истата полуфинална пресметка славеа и стигнаа во големото финале, но овојпат ситуацијата е поинаква, Охрид пред десетина дена како гостин го совлада Пелистер во Битола, па јасно е зошто „гладијаторите“ полни со самодоверба ќе влезат во денешното полуфинале. Битолчани пак ќе бидат охрабрени по големиот пресврт и победата над Алкалоид во Автокоманда пред неколку дена, па нема сомнеж дека овој дуел, како и оној вториот меѓу Вардар и Алкалоид ќе донесе квалитетен ракомет и неизвесност во борбата за билет за големото финале.

Според распоредот на РФМ, по денешните машки полуфиналиња, в сабота ќе се одиграат полуфиналните пресметки во машка и во женска конкуренција, по што за недела се закажани двете финалиња.

Се вчитува...