Битка за куп-трофејот во Охрид: Вардар го брани пехарот, Еурофарм Пелистер сака двојна круна, Алкалоид чека од сенка

Се е подготвено за завршниот турнир од ракометниот Куп на Македонија што од денеска па се до сабота ќе се одржува во салата „Билјанини извори“ во Охрид. Улогата на бранител на трофејот му припаѓа на Вардар, но „црвено-црните“ нема да имаат нималку лесна задача ако се знае дека денеска во полуфиналето ќе се сретнат со Алкалоид, а во големото финале речиси сигурно за ривал ќе го имаат Еурофарм Пелистер.

Првото полуфинале на денешната програма е она меѓу Еурофарм Пелистер и Пролет (17.30 часот), дуел на кој битолчани важат за апсолутни фаворити. Овие два тима пред дваесетина дена се сретнаа во плејофот, „пелистерци“ славеа во Скопје со убедливи 30-17, а битолчани по триумфот над Вардар во домашното првенство сега атакуваат на двојна круна. За Пролет пак самиот пласман на овој фајналфор е голем успех по заминувањето на неколку клучни ракометари.

„Наша цел од почетокот на 2023 година и заминувањето на неколкуте клучни играчи беше токму тоа –  да се обезбеди пласман на фајналфор турнирот во Купот на Македонија и пресреќни сме што тоа ни се оствари. За сите нас е задоволство што ќе бидеме во Охрид во друштво на трите најдобри екипи во Македонија и секако дека ќе дадеме се од себе за да се покажеме во добро светло. Не е тајна дека Еурофарм Пелистер е голем фаворит, но ние ќе настојуваме да го покажеме она што го знаеме на терен, да бидеме дисциплинирани во нападот и да играме цврсто во одбраната. Заедничка цел е Тинекс Пролет да се покаже во добро светло на овој фајналфор турнир, верувам дека ќе го исполниме тоа“, изјави капитенот на Пролет, Ласко Андоновски.

Понеизвесно се очекува да биде на вториот полуфинален дуел меѓу Вардар и Алкалоид, на кој „црвено-црните“ посакуваат одмазда по шокантниот пораз во Автокоманда кој ги чини кревање на шампионскиот пехар.

„Секој меч е нова битка, нова приказна, нов предизвик. На крајот од сезоната нема веќе лесни натпревари. Со Алкалоид сезонава се сретнавме четирипати, и тие покажуваат дека напредуваат од меч во меч. Секој ривал го репсектираме, и така е секогаш. Знаеме дека Купот е меч во кој нема поправен. Решаваат нијаси во квалитетот. Пред нас е период на многу важни средби, и целосно сме фокусирани на овој дел од сезоната“, изјави стратегот на „вардарци“, Владо Недановски.

Се вчитува...