Битка за пехарот во Кавадарци: Вардар го брани куп-трофејот, на патот му стојат двата тима на Пелистер

Кавадарци ќе биде центарот на ракометна Македонија викендов, со оглед на фактот дека во салата „Јасмин“ од денеска па се до недела ќе се водат битките за трофејот во Купот на Македонија. Улогата на бранител на пехарот ја има Вардар, кој лани триумфираше во скопска Автокоманда, успех што „црвено-црните“ ќе се обидат да го повторат и во Кавадарци.

На патот на избраниците на Давид Дејвис им стои тимот на Еурофарм Пелистер 2, кој ќе биде ривал на „црвено-црните“ во денешното полуфинале што е закажано за 17 часот. Младиот состав на тренерот Александар Јовиќ сезонава веќе еднаш успеа да ги изненади „вардарци“ во текот на Супер-лигата, што е доволно предупредување дека не смее да дојде до никакво опуштање во играта на Вардар на денешниот дуел.

„Нормално дека купот секогаш е посебна приказна, и на секој меч може да се случи се. Да заборавиме се што било претходно и што треба да се случи во иднина. Да бидеме сконцентрирани само на овој викенд, да дадеме 100 отсто. Нема разлика против кого играме и ќе играме, ние треба да работиме според она што сме го замислиле. Малку време е нешто да се менува, и ние и нашиот ривал. Ќе биде исто, освен некои нијанси што сигурно ќе бидат кај давата тима. Но комплетната слика ќе биде иста, и тешко е да се изнанади ривалот кој те знае и ти го знаеш. Супер е што се игра во Кавадарци, треба луѓето да гледаат добри натпревари, да гледаат големи клубови и добри екипи. Ги почитувам сите екипи, и сакам прво да го победиме Еурофарм Пелистер 2, па потоа ќе мислиме како и што понатаму“, изјави Тимур Дибиров.

Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат првиот тим на Еурофарм Пелистер и составот на Бутел. Битолчани останаа со празни раце во трката за титулата, па Купот на Македонија им останува како шанса за освојување на трофеј.

Овие два тима се сретнаа пред помалку од еден месец во рамките од плејофот и „пелистерци“ убедливо славеа на гостински терен со 17-26, а се очекува цврстата одбрана да биде главен адут на тренерот Бабиќ и на овој завршен турнир во Кавадарци.

Се вчитува...