Битка за Скопје: „Вечните“ се среќаваат во Аеродром

Шестото коло од Првата кошаркарска лига започнува денеска со натпреварот кој ќе ја одбележи новата рунда. Во Аеродром , МЗТ Скопје го пречекува Работнички во првото вечно лигашко дерби во сезоната со почеток од 18 часот и 30 минути.

Дуелите на вечните ривали никогаш не не оставаат без возбудувања, а се надеваме дека така ќе биде и денеска. Во овие натпревари нема фаворити, а победува оној кој повеќе ја посакува победата.

„Работнички е добро истренирана екипа која игра подобро од натпревар во натпревар. Во дерби натпреварите никогаш нема фаворит, а пример за тоа беше Суперкупот каде одигравме доста цврст и неизвесен натпревар. Полека и ние се воигруваме и влегуваме во добра натпреварувачка форма и доколку го исполниме договореното очекувам позитивен резултат. Имаме подолга ротација и мислам дека поради тоа ќе можеме да наметнеме наш ритам“, изјави за ЕКИПА, Бојан Крстевски.

„По саботниот натпревар против екипата на ТФТ имавме само два дена да се подготвиме за дуелот со МЗТ Скопје кој важи за фаворит во овој меч. Без разлика нас се, доколку влеземе во натпреварот максимално фокусирани и дададеме 100 отсто од своите можности и го проведеме на терен она што се договориме може да се надеваме на позитивен резултат. Шутот за три поени е релативна работа и не може да се потпираме на него. Доколку ја сопреме нивната транзиција, го контролираме скокот и го спроведеме договореното може да се надеваме на позитивен резултат. Нека биде вистинско уживање за гледачите ова вечно дерби па нека победи подобриот“, вели за ЕКИПА, Горjан Марковски.

Нашите два најтрофејни тимови оваа сезона веќе одиграа еден дуел во финалето на Суперкупот кој беше изедначен во првото полувреме и на самиот крај, но истиот не треба да биде показател на можностите на овие два тима и насока за денешниот натпревар.

Во 157 вечно дерби фокусот ќе биде ставен во битката под обрачите, сегмент од играта кој многу ќе значи во наметнување на темпото, а значајна ќе биде и реализација за три поени. Притоа ќе биде интересно да го видиме одговорот на МЗТ Скопје за Џексон Емерсон, плејмејкерот на Работнички кој на овој меч влегува по одличниот натпревар со ТФТ.

Се вчитува...