Битка за тронот: Можат ли Аргентинците

Светската кошарка ќе добие нов владетел, а дали тоа ќе биде Шпанија или Аргентина ќе дознаеме по завршувањето на големото финале што ќе стартува во 14 часот. И двете селекции влегуваат во ова финале со максимален ефект во досегашните натпревари, но влогот денеска е најголемиот можен – искачување на тронот што досега беше резервиран за Американците.

„Гаучосите“ се најпријатното изненадување на шампионатот, предводени од 39-годишниот Луис Скола, кој беше дел од оваа селекција и при последното финале на СП што Аргентина го играше и загуби, во 2002 година во Индијанаполис од селекцијата на Србија и Црна Гора. Аргентинците се премиерни освојувачи на трофејот на светските шампионати, во 1950 година како домаќин во финалето ја совладаа репрезентацијата на САД.

Шпанците импресионираат со колективната игра, во која во преден план сепак се истакнуваат Рубио и Гасол. „Црвената фурија“ единствената светска круна ја има освоено на азиско тло, на СП 2006 во Јапонија, а избраниците на Скариоло се максимално мотивирани денеска да го повторат големиот успех.

Традицијата вели дека Шпанија славеше на последните четири натпревари со Аргентина, но три од нив беа пријателски. Ова денеска ќе биде најголемиот можен предизвик и за двете селекции, финале во кое често не пресудува само квалитетот, туку карактерот и тимскиот дух. Нешто што на овој мундијал е одлика и на Шпанија и на Аргентина.

Се вчитува...