Битка за тронот на Европа: Обрадовиќ е адутот на Фенер против Олимпијакос

Фенербахче и Олимпијакос вечерва (20 часот) во Истанбул ќе ги одмерат силите во големото финале од Евролигата, давајќи одговор на прашањето кој од овие тима ќе ја наследи ЦСКА Москва на тронот на европската клупска кошарка. Реал Мадрид и ЦСКА имаа најдобар скор по регуларниот дел од сезоната, но овие две екипи потклекнаа пред Фенер и Олимпијакос во петочните полуфинални пресметки.

Многу поизненадувачки делуваше победата на грчкиот гигант над ЦСКА, особено ако се знае дека рускиот првак водеше во речиси целиот натпревар. Сепак, Спанулис уште еднаш покажа дека е најдобар кога е најпотребно, одигра фантастично во последната четвртина и го одведе Олимпијакос до ново финале. Токму затоа, кошаркарите на Фенер знаат на кого ќе треба посебно да внимаваат кога ќе се решава битката за трофејот.

Сум слушнал многу работи за Спанулис и неговата генијалност кога натпреварите се решаваат. Нема дилеми, ќе мораме да најдеме начин да го запреме во последните пет минути, да го исфрлиме од ритамот што му одговара“ – истакна Екпе Удох во пресрет на денешното финале.

Главен адут на Фенербахче во овој меч за трофејот е Жељко Обрадовиќ. Србинот за многумина важи за најдобар стратег во Европа, епитет поддржан од фактот дека Обрадовиќ веќе има осум европски титули во својата кариера. Овојпат предизвикот е уште поголем бидејќи Фенер никогаш во својата историја не бил европски првак, а дополнителен мотив на турските кошаркари ќе им дадат нивните верни навивачи кои сигурно во огромен број ќе ја наполнат арената „Синан Ерден“.

Нема сомнеж дека финалето ќе биде многу тешко бидејќи против себе имаме цврст ривал како Олимпијакос. Сепак, јас верувам во нашиот тренер Жељко Обрадовиќ, кој ќе ја постави тактиката за на крајот сите заедно да се радуваме на победата“ – изјави Перо Антиќ, кој ќе атакува на третата титула европски првак во својата кариера, по двете освоени токму со денешниот ривал Олимпијакос.

Во двете овосезонски средби на денешните финалисти славеа домаќините, Фенер триумфираше во Истанбул со 67-64, додека Олимпијакос беше подобар во Атина со 71-62. Сепак, мора да се истакне дека Олимпијакос при поразот настапи без Спанулис, додека Фенербахче на дуелот во Грција беше без помошта на Богдановиќ.

Традицијата и последните дуели во случајов и не се премногу важни, бидејќи кога станува збор за финалето тука решаваат моментната инспирација и карактерот на екипите.

Се вчитува...