ЕКИПА во Љубљана,
Стеван Цаневски
Се е подготвено за последниот ден од ЕП 2022 во „Стожице“ во Љубљана, каде во два натпревари ќе се распределaт медалите меѓу четирите најдобри селекции на континенталниот собир. Во центарот на вниманието ќе биде скандинавското финале меѓу Норвешка и Данска, две репрезентации кои прикажаа најмногу на овој шампионат и заслужено ќе се најдат во битката за златото.
Норвежанките како најмоќна ракометна сила во женска конкуренција веќе имаат осум европски злата во својата колекција, воедно се и бранители на трофејот од пред две години. Импресивната игра и убедливиот триумф над Франција во полуфиналето се знак за силата на Норвежанките, но мора да се напомене дека во главната рунда тие загубија од Данска, во меч што решаваше за првото место во групата.
Токму тој триумф им дава на Данките дополнителна самодоверба пред денешното финале, дека би можеле повторно да ги изненадат европските шампионки и по пауза од цели 20 години да се вратат на европскиот трон во женскиот ракомет. Данска има три трофеи на ЕП, и тоа во 1994, 1996 и 2002 година.
Претходно, со почеток во 17.45 часот во мечот за бронзен медал ќе се сретнат Франција и Црна Гора. Французинките разочараа при убедливиот пораз во полуфиналето од Норвешка, но остануваат големи фаворити против ривалот кого со леснотија го совладаа во главната фаза во Скопје со убедливи 27-19.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА