Битола е „зелен град“, Пелистер го растури Работник

Пелистер ја потврди одличната форма во која се наоѓа откако избраниците на тренерот Алушовски во градското дерби го декласираа составот на Работник со 25-17. Алушовски целосно ја доби тактичката борба со Илија Темелковски, го надмудри својот поранешен селектор од националниот тим и го одведе својот тим до значајна победа, која воедно значи и „апсолутна ракометна власт во Битола“.

Како што е очигледно и според самиот резултат, пресудна беше извонредната одбрана на „пелистерци“, која 60 минути функционираше беспрекорно. Првото полувреме заврши со предност на Пелистер од 10-7, по што „пулените“ на Алушовски не само што не му дозволија на противникот да се врати, туку и дополнително го декласираа, на крајот совладувајќи го со убедливи осум гола разлика.

Грузиецот Орјонакидзе беше главен играч на битолското дерби со 11 гола, додека кај Работник најефикасен беше екс-играчот на Пелистер, Стефан Дрогришки, со пет погодоци.

Пролет ја продолжи серијата одлични игри со победа од 29-33 на гостувањето во скопското дерби против Металург 2, додека Радовиш триумираше над Борец со резултат 26-21.

Се вчитува...