Битола слави финале: Пелистер по 15 години ќе се бори за куп-трофејот

Пелистер по пауза од цели 15 години повторно ќе игра финале во Купот на Македонија откако битолчани вечерва на домашен терен го совладаа Еуро Никел со резултат 78-68. Слично како и на вчерашниот дуел со Феникс, „пелистерци“ повторно одиграа добро прво, за потоа да експлодираат во второто полувреме во кое си го трасираа патот до големото финале во кое ќе се сретнат со МЗТ Скопје. Извонреден меч одигра центарот Јуре Планиниќ кој имаше симултанка во првото полувреме, а штом во вториот дел доби соодветна помош од соиграчите, успехот беше неизбежен.

Полуфиналето почна во знакот на Планиниќ, откако центарот на Пелистер ги постигна првите седум поени за својот тим. Битолчани наметнаа брзо темпо што гостите од Кавадарци се мачеа да го следат, поведувајќи со 13-5, предност што можеше да биде уште поубедлива ако се знае дека Маслинко во првите пет минути не реализираше четири слободни фрлања во серија. Казната стигна на спротивната страна откако Еуро Никел постигна шест поени во низа и намали на 13-11 на три минути до крајот на полувремето, а нешто подоцна преку Врањеш го израмни резултатот на 13-13. Сепак, финишот на четвртината мина во знакот на Пелистер, па домашната екипа замина на првата пауза со преднсот од 18-13.

Во втората четвртина се разбуди Врањеш, па по неговите две тројки во серија тимот на Еуро Никел стигна до првото водство на мечот (23-25), принудувајќи го Радуловиќ да побара тајмаут. Планиниќ дадетројка веднаш по тајмаутот, но проблемите за домаќините се зголемија откако Магдевски ја заработи третата лична грешка, престрого досудена од еден од арбитрите. Шоуто на Планиниќ продолжи, па со новата тројка на високиот кошаркар на Пелистер тој стигна до 20 поени во 17. минута од полуфиналето, носејќи водство на битолчани од 32-29. Шоуто на Хрватот траеше до крајот на полувремето, во кое токму тој со 24 поени беше најзаслужен што Пелистер замна на одмор со водство од 39-36.

Еуро Никел за момент поведе на почетокот од третата четвртина, но Маслинко го врати Пелистер во водство, пред Мијовиќ со своите први поени да зголеми на 47-41. Позитивата на домашниот тим повторно се истопи откако Младеновиќ погоди тројка за 47-46, но Планиниќ повторно влезе во ритам пред крајот на четвртината, се разбуди и Мијовиќ, но „пелистерци“ експресно го прокоцкаа водството и во последните десет минути влегоа со само еден поен предност (55-54).

Четвртиот период почна во знакот на СмитМекоувен, кој постигна пет поени во низа за Еуро Никел израмнувајќи на 59-59. Тоа беше знак за будење на „пелистерци, најпрвин тројка погоди Маслинко, па прецизен беше Магдевски, за Костоски со нова тројка да донесе водство од 67-59 и да го натера тренерот на Еуро Никел на тајмаут. Советите не вродија со плод, кавадарчани најпрвин ја загубија топката, а потоа на спротивната страна центарот Фриц во 33. минута ја заработи петтата лична грешка. Мијовиќ погоди две слободни фрлања и донесе прво двоцифрено водство на битолчани (69-59), за истиот кошаркар потоа да ја крене публиката на нозе со тројка за „плус 13“. Кавадарчани не се предадоа, успеаја да намалат на седум поени негатива на помалку од три минути до крајот, принудувајќи го Радуловиќ да побара нов тајмаут. Домаќините успеаја да го издржат финалниот притисок на Еуро Никел, заслужено триумфирајќи со конечните 78-68.

Планиниќ беше фантастичен со 27 поени, осум скока и шест асистенции, Маслинко постигна 22, а Мијовиќ 14 поени за „пелистерци“, додека најефикасни кај поразениот Еуро Никел беа Смит Мекоувен со 21 и Врањеш со 17 поени.

Во големото финале утре со почеток во 18 часот домаќинот Пелистер ќе го предизвика бранителот на трофејот МЗТ Скопје.

Се вчитува...