Битола слави: Пелистер ја доби полуфиналната „мајсторка“ и закажа финале против МЗТ Скопје

Пелистер за прв пат се пласираше во финалето на Првата кошаркарска лига откако во полуфиналната „мајсторка“ против Еуро Никел успеа да слави со 91-83. Битолчани беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, одолеаја на налетите на гостите во третата четвртина и во завршницата на мечот и сосема заслужено закажаа битка за трофеј против МЗТ Скопје.

Агресивната одбрана на Пелистер носеше поени на неизградена одбрана на спротивната страна на теренот, но како одминуваа минутите тимот од Кавадарци успеа да најде решение преку бековите и не дозволи домашниот тим рано да стигне до висока предност. Изедначениот меч продолжи и во поголемиот дел од првата четвртина, Еуро Никел умешно ја користеше предноста во рекетот, Пелистер одговори со брза игра на спротивната страна, а со мини-серијата на самиот крај на десетата минута поведе со 26-20. Серијата на домаќините продолжи и во втората четвртина во која битолчани стигнаа до предност од 34-20, лимитирајќи ги противничките бекови, а повеќе минутниот пост на “сино-белите” го прекина Димчевски со шут за три поени. Кавадарчани во продолжението успеаја да го најдат напаѓачкиот ритам, на битолчани не им помогна ниту брзото исполнување на бонусот, а и покрај тоа што во поголемиот дел од првото полувреме ја одржуваа комотната предност на крајот во серија влезе Стојановски кој со шест поени во низа намали на 42-38.

Добриот моментум на Еуро Никел продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое акцентот беше ставен на одбраната. Кавадарчани заиграа агресивно во одбраната со што не дозволија лесни поени, а на спротивната страна се разигра Калахан кој влезе во ритам зад линијата 6,75 па гостите успеаја да поведат со 57-59. Во полза на Пелистер не беше ни реализација на слободните фрлаља, но со поените на Крстајиќ на крајот на третата четвртина домашниот тим ја врати негативата на еден напад (76-74). Домашниот тим успеа да ги консолира своите редови и да го наметне својот ритам во нападот на почетокот на одлучувачките десет минути па ја врати предноста во свои раце благодарение на добрата игра во рекетот (70-64). Истата „зелено-белите“ умешно ја одржуваа во поголемиот дел, но по тајм-аутот на Самарџиев следеше добра игра на гостите на двата дела од теренот преку која ја вратија резултатската неизвесност (77-75). Гостите имаа и шанса при резултат 83-80 на минута и пол до крајот на мечот да приредат нова драматична завршница, но во четири наврати не успеаја да го исконтролираат скокот, а тоа знаеше да го казни Младеновиќ за 86-80 со што стави крај на дилемите за победник.

Игор Кесар беше лидер на Пелистер со 25 поени, додека него го следеа Малешевиќ со 17 поени и 5 асистенции и Стајиќ со 14 поени и исто 5 асистенции. Џордан Калахан го предводеше Еуро Никел со 22 поени, 17 поени и 6 скока забележа Самарџиски, додека со 11 поени и 8 скока мечот го заврши Димчевски.

Се вчитува...