Битола во ракометна еуфорија, по деценија и пол ќе игра Македонија

Македонската ракометна репрезентација вечерва (20.15 часот) го стартува квалификацискиот циклус за ЕП 2020, со натпревар на кој „црвено-жолтите“ се апсолутни фаворити против селекцијата на Турција. Мечот се игра во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, која се очекува да биде исполнета до последно место со оглед на експресната продажба на сите влезници за овој репрезентативен натпревар.

И повеќе од јасно е дека квалитетот е целосно на страната на македонскиот национален тим, но и селекторот Гонзалес и самите ракометари во изминатите денови истакнуваа дека е важно таа улога да биде потврдена со убедлива победа, но и со добра игра што уште повеќе би ја зголемила самодовербата во пресрет на СП 2019 во Германија и во Данска.

Ова е репрезентација на Македонија и можам да кажам дека заслужуваат да ја гледаат навивачите ширум целата земја. Сум водел натпревари во Битола, знам дека таму се создава добра атмосфера и затоа сум уверен дека ќе имаме голема поддршка од трибините“ – истакна Гонзалес во пресрет на денешниот натпревар.

Капитенот Лазаров очекува дел од помладите ракометари да преземат одговорност и да ја искористат шансата на оваа средба, но селекторот сепак не сака да ротира премногу во тимот, па и на овој дуел на кој сме апсолутни фаворити ќе смета на Прибак и на Филип Лазаров, оставајќи ги на трибини Крстевски и Чурлевски.

Победата не би требало да биде доведена во прашање, нема сомнеж и дека битолската публика ќе создаде одлична атмосфера – се е подготвено за триумфален старт на новиот квалификациски циклус на патот до ЕП 2020, што ќе се одржи во Австрија, Шведска и во Норвешка.

Се вчитува...