Битолчани се мајстори за пресврти – Пелистер се врати од „минус 14“ за триумф над ТФТ

Пелистер со стил го запечати регуларниот дел од кошаркарското првенство, откако битолчани по голема битка славеа над составот на ТФТ со 110-106. Тоа беше меч на кој гостите во неколку наврати во третата четвртина имаа и 14 поени предност, но избраниците на Марјан Илиевски повторно се покажаа како мајстори за големи пресврти, заиграа најдобро кога беше најзначајно и со голем пресврт забележаа победа со која остануваат со предност во однос на ривалите во пресрет на Супер-лигата.

Првата четвртина мина во израмнета битка, но ТФТ потоа „експлодираше“ во вториот период, во кој кошаркарите на тренерот Смилковски постигнаа неверојатни 39 поени (29-39) и стигнаа до удобно водство. Гостинските кошаркари знаеја како да ја одржат предноста и во текот на третата четвртина, но Младеновиќ со својата четврта тројка на мечот ја спушти разликата под десет (83-91) во пресрет на последните десет минути од мечот. Кога беше најважно профункционира одбраната на битолчани, ТФТ се потешко го наоѓаше патот до кошот, а на спротивната страна одличен беше Малешевиќ, кој го предводеше нападот на „пелистерци“ за голем пресврт, триумф и одмазда за поразот во четвртфиналето од Купот на Македонија.

Никола Малешевиќ беше убедливо најдобар поединец на мечот, српскиот интернационалец го заврши мечот со 38 поени, осум скока и четири асистенции. Кесар постигна 19, Николиќ 15, а Стајиќ 13 поени за победничкиот тим, додека најефикасни во таборот на ТФТ беа Бишоп со 21 и Хортон со 18 поени.

Пелистер го заврши првиот дел од сезоната на врвот на табелата со вкупно 42 бода, еден повеќе од шампионот МЗТ Скопје. ТФТ за првпат ќе биде дел од Супер-лигата, во која тимот од скопско Тафталиџе ќе влезе како шестопласиран со вкупно 35 бода.

Се вчитува...