Георгиевски и Рељиќ сопрени во четвртфиналето на ЕП

Најдобрите македонски таеквондисти, кои важат за сериозни кандидати за настап на Летните олимписки игри во Лос Анџелес, не успеаја да се вклучат во борбата за медали на Европското сениорско првенство што се одржува во Минхен, Германија.

Најголемиот македонски адут и освојувач на сребрениот медал од Олимписките игри во Токио, Дејан Георгиевски, забележа една победа во категоријата над 87 килограми. По слободното прво коло, тој во втората рунда триумфираше над Турчинот Атесли со 2-1 во рунди. Сепак, неговиот пат беше запрен во четвртфиналето, каде што претрпе пораз од Шпанецот Гарсија Мартинез со 2-0.

Идентичен резултат оствари и Милјана Рељиќ, која исто така беше запрена на чекор до медал. Таа во осминафиналната пресметка доминантно ја совлада грчката претставничка Сарванаки со 2-0. Во клучната четвртфинална борба за пиедестал, Рељиќ по голема борба загуби од Столбова од Чешка со тесни 2-1.

Се вчитува...