Битолски спортски маратон: Кошарка, фудбал, па битка за ракометната титула

Битола денеска е спортски град, со оглед на богатата програма што ќе може да се проследи во „Градот на конзулите“, каде на програмата се натпревари од кошаркарскиот, фудбалскиот и ракометниот шампионат на Македонија.

Спортската првомајска фешта ќе почне со кошаркарската пресметка во „Боро Чурлевски“ во 14 часот, каде „пелистерци“ ќе го пречекаат составот на Еуро Никел. „Зелено-белите“ се први на табелата, а од голема важност им е да слават на денешниот меч, за да ја задржат лидерската позиција пред гостувањето против МЗТ Скопје закажано за четврток. Пелистер на претходниот домашен меч неочекувано загуби од Гостивар, што ќе биде само мотив плус за кошаркарите на Марјан Илиевски да се покажат во далеку подобро светло и помогнати од верните навивачи (кои во последно време ги има во се поголем број во салата) да стигне до триумф.

Битолско – кавадаречка битка ќе се следи и на фудбалскиот стадион, каде Пелистер ќе го пречека составот на Тиквеш. „Пелистерци“ разочараа во фудбалската сезона, веќе ги загубија шансите за опстанок, но дефинитивно ќе сакаат да се прикажат во што подобро светло пред домашната публика.

„Шлагот на тортата“ ќе биде вечерашниот дуел (19 часот) од ракометниот плејот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар. Битолчани завршија голема работа со победата во Скопје, па вечерва им е доволно и реми за да останат пред „црвено-црните“ на табелата и да направат џиновски чекор кон титулата и прекинот на ракометната доминација на вечниот ривал.

Се вчитува...