Благој Георгиев: Некој сака да го саботира преземањето на ФК Вардар

Поранешниот бугарски фудбалер Благој Георгиев за медиумите кај нашиот источен сосед изјави дека некој во Македонија сака да го саботира неговото преземање на ФК Вардар. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб има неизвесна иднина откако Сергеј Самсоненко влезе во големи долгови кон играчкиот кадар и реши да го врати клубот на Град Скопје. Но, и градскиот татко Петре Шилегов не сака да го земе назад се додека не се подмират долговите. Оваа ситуација сака некако да ја искористи Благој Георгиев и да го преземе раководењето со ФК Вардар.

„Тимот има потенцијал за големи нешта, но, сепак, не сакам да зборувам за нешто што уште не се случило. Пред неколку дена излезе веста за Вардар и веќе почнав да слушам лоши работи, мислам дека се обидуваат да ме попречат во идејата да го преземам клубот“, изјави Благој Георгиев за бугарските медиуми.

Благој Георгиев беше во Скопје како посредник на меѓународен инвестициски фонд кој би сакал да го преземе Вардар и да го спаси клубот од финансиски колапс. Се чини дека главната сопка е проблемот Вардар да добие лиценца за настап во европските купови поради непочитување на финансискиот фер-плеј. Да потсетиме, и минатата година Вардар од истата причина не учествуваше во Европа, а оваа би била „повторување на делото“.

Се вчитува...