Новак Ѓоковиќ прифати да биде дел од АТП 500 турнирот во Виена и веднаш се наметна како главен фаворит за трофејот, но првиот носител денеска беше елиминиран уште во четвртфиналето од италијанскиот тенисер Лоренцо Сонего. Италијанецот, кој е рангиран на 42. место на последната АТП-листа, одигра добар меч, но пресудно беше очајното издание на Ѓоковиќ, кој делуваше надвор од својот препознатлив ритам и апсолутно заслужено го загуби денешниот меч.
Сонего, кој имаше серија од десет порази на крајот од 2019 и почетокот од 2020 година, делува фантастично во Виена, фуриозно почнувајќи го мечот со Ѓоковиќ и експресно поведувајќи со 4-0, казнувајќи го Србинот за бледото издание. Првиот сет заврши со 6-2 за Италијанецот, кој веднаш потоа поведе со 2-0 во вториот сет. Ѓоковиќ пропушти две брејк-шанса да се врати при 2-1 во вториот сет, а потоа Новак го комплетираше очајното издание пропуштајќи 0-40 при 4-1 за противникот, последна шанса за камбек во мечот, кој заврши со конечни 6-2, 6-1 за Сонего.
Елиминиран во четвртфиналето беше и домашниот миленик Доминик Тим, кој загуби со 5-7 2-6 од Русинот Рубљев. Пласман во полуфиналето обезбеди и Андерсон, кој славеше над Данил Медведев со 6-4, 7-6. Во последната четвртфинална пресметка вечерва ќе се сретнат Димитров и Еванс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА