Фудбалерите на Борнмут продолжуваат со импресивната форма во подготвителниот период, откако во пријателски натпревар ја совладаа Џенова со неверојатни 10:1.
Иако станува збор за предсезонски дуел, англискиот тим одигра фантастичен меч и постигна дури 10 голови во 120 минути игра. Со тоа Борнмут стигна до 19 постигнати погодоци на трите досегашни контролни натпревари ова лето.
Натпреварот беше поделен на четири периоди од по 30 минути. Борнмут поведе со 1:0 во првиот дел, потоа имаше 3:1 во вториот период, а во последните два дела додаде уште шест гола за убедлив триумф.
Гол-шоуто го најави Алекс Скот со погодок во 15. минута, но Џенова кратко успеа да израмни. Потоа следуваше целосна доминација на англискиот тим, кој до крајот постигна гол по гол.
Дури седум различни фудбалери на Борнмут се запишаа во листата на стрелци, а по два гола постигнаа Алекс Скот, Џастин Клајверт и Енес Унал. Во стрелците се запиша и Малком Да Коста, фудбалер роден во Аликанте кој настапува за репрезентацијата на Еквадор.
За Џенова единствениот погодок го постигна Елтерсон.
Ова е втора најубедлива победа во историјата на Борнмут, по триумфот од 11:0 против Маргејт во ФА Купот во 1971 година. Следниот предизвик за англискиот тим ќе биде пријателскиот натпревар против Бетис на 8 август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
