Кошаркарската репрезентација на Србија ја совлада Франција со 90:87 во подготвителен натпревар одигран во Белградската арена, во меч кој донесе голема борба и неизвесна завршница.
Србите одлично го отворија натпреварот и по првите десет минути имаа предност од 22:19. Во почетната фаза Никола Јокиќ беше во улога на асистент, креирајќи акции за своите соиграчи, меѓу кои и Никола Јовиќ и Ѓуришиќ.
Франција возврати во втората четвртина, предводена од Виктор Вембањама. Францускиот центар со атрактивно забивање израмни на 25:25, а гостите во еден момент стигнаа и до предност од пет поени.
Сепак, Србија успеа да се врати во ритамот. Аврамовиќ и Гудуриќ беа сигурни од линијата за слободни фрлања, а Никола Милутинов погоди важна тројка за водство на домашните. На полувремето Србија имаше минимална предност од 46:45.
Во продолжението на натпреварот на сцена стапи Јокиќ. Ѕвездата на Денвер Нагетс го презеде натпреварот во свои раце и ѝ помогна на Србија да стигне до двоцифрена предност од 60:50. По три четвртини, домашните водеа со 72:62.
Србија во последниот период имаше контрола над резултатот и водеше со 80:69, но Франција не се предаде. Гостите во финишот намалија на само три поени – 86:83 – и внесоа дополнителна неизвесност.
Сепак, избраниците на Душан Алимпијевиќ го издржаа притисокот и го приведоа мечот до крај за значајна победа во подготовките.
Двете репрезентации ќе одиграат уште еден меѓусебен дуел за само три дена, но овојпат во Орлеан, каде Франција ќе има можност за реванш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
