Блесок на младите – Македонија ја победи Белорусија и обезбеди место на младинското ЕП

Македонија е победник на ЕХФ шампионатот за ракометари до 20 години што се одржа во Скопје и како првопласирана обезбедува пласман место на младинското Европско првенство наредната година. Во финалето на шампионатот, младите македонски ракометари славеа против Белорусија со 29-23.

Победата во финалето беше круна на целиот настап за македонската репрезентација која заврши без пораз, со вкупно пет победи и едно реми на овој ЕХФ шампионат.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац во финалето влегоа агресивно и максимално мотовирано. Уште од старт го презедоа водството и иницијативата во играта. Одлична работа во воведните десетина минути заврши голманот Матеј Петковски кој запиша четири важни одбрани и даде стимул во играта на македонскиот состав.

Во нападот одново лидерската улога ја имаше левиот бек Марио Танкоски. Со четвртиот погодок на Танкоски, Македонија прв пат дојде на +5 поведувајќи со 10-5.

Со мирна и рационална игра, македонската репрезентација го одржуваше водството недозволувајчи им на Белорусите посериозно да се заканат. Со пет гола предност, македоснката репрезентација го заврши и првото полувреме (15-10).

Второто полувреме Македонија го одтвори со погодок на Мице Шилегов за највисоки +6 (16-10). Обидот на Белорусите да фатат приклучок ги изјалови  Матеј Петковски кој повтроно имаше свои минути на македонскиот гол, врза три успешни интервенции, одбрани два зицери, а потоа Белорусија не искористи и седмерец.

Сигурната игра на макеоднските ракометари им донесе и сигурна предност по првите десетина минути од вториот дел кога Томислав Јагуриновски со четвртиот погодок зголеми на 21-13, а малку потоа и за највисоки 23-14.

За разлика од осцилациите во играта и неизвесноста во финишот во полуфиналето против Фарски Острови, овој пат македонската репрезентација не препушти ништо на случајноста, со сигурна и дисциплинирана игра одржуваа удобна предност и стигнаа посакуваната победа што ја носи Македонија од Б дивизија во младинската ракометна елита.

Матеј Петковски имаше одлична партија на голот на Македонија и заврши со 14 одбрани. Најефикасен во македонската репрезентација беше Марио Танкоски со осум, Томислав Јагуриновски постигна седум , а Мице Шилегов и Филип Арсеновски завршија со по шест гола.

Се вчитува...