Блокотехна го положи „академскиот испит“ во Бугарија

Блокотехна покажа карактер и експресно се врати по разочарувачкиот пораз од Работнички, вечерва триумфирајќи во тешкиот дуел на гостински терен против бугарски Академик со 82-86. Избраниците на Марјан Илиевски имаа значителен пад во втората четвртина, но се вратија од двоцифрена негатива во третиот период и во неизвесна завршница стигнаа до заслужена победа, уште еднаш покажувајќи ги квалитетите, но и победничкиот карактер што го поседува оваа екипа.

Блокотехна беше далеку подобар противник од самиот почеток на мечот, откако македонскиот клуб рано поведе со 5-14. Тимот на Марјан Илиевски имаше двоцифрена предност во поголемиот дел од првата четвртина, за домаќините да постигнат тројка преку Дурчев во 10. минута и на одмор да се замине со водство на Блокотехна од 9-16. Вториот период донесе значителен пад во играта, особено во нападот во кој се правеа бројни грешки, а домашниот тим знаеше како да ги искористи загубените топки на македонската екипа. Академик целосно доминираше во овој дел од мечот, во кој бугарскиот претставник славеше со 26-11 и на одмор замина со позитива од 45-37.

Сепак, избраниците на Илиевски не се предадоа, туку по враќањето на теренот заиграа одлично во одбраната, затворајќи ги приодите под сопствениот кош. Проработе и нападот, разликата се топеше, па со тројката од табла на Главчев македонскиот претставник поведе со 57-60. Тимот од Гевгелија имаше и 57-62, но Академик подобро ја финишираше четвртината, за во последните десет минути да се влезе со минимална предност на Блокотехна од 61-62.

Одбраната не беше на посакуваното ниво, па Илиевски побара тајмаут при 69-66 за Академик. Сепак, бугарскиот тим веќе беше влезен во ритам, во следните три напади погоди три тројки и повторно се одлепи, за нов тајмаут на македонскиот стратег при резултат 78-70. Советите овојпат вродија со плод, одбраната профункционира со влегувањето на Дујковиќ, а со неколку добри реализации во нападот Блокотехна стигна на само „минус еден“ (80-79) со тројката на Мијатовиќ. Дујковиќ изнуди прекршок под сопствениот кош, па со два „пенали“ донесе водство на Блокотехна на една минута до крајот (80-81). Бугарскиот тим погоди во следниот напад, па Бенџамин беше еднаш прецизен од линијата за слободни фрлања, за израмнети 82-82 на 30 секунди до крајот. Македонскиот тим се одбрани, а Академик веднаш направи тактички направи прекршок врз Младеновиќ за да го има последниот напад. Македонскиот плејмејкер беше два пати прецизен, на спротивната страна Главчев одлично одигра одбрана, за Бенџамин од линијата за слободни фрлања да ги постави конечните 86-82.

Американецот Бенџамин беше незапирлив со 31 поен, Мијатовиќ постигна 22, а Младеновиќ и Казарновски по 12 поени.

За Блокотехна ова беше четврта победа во петтиот меч од БИБЛ-лигата, а во рамките од шестото коло овој тим во македонското дерби во регионалното натпреварување ќе го пречека Куманово.

Се вчитува...