Блокотехна ја заврши 2017 на чело на БИБЛ

Фактот дека е дебитант во БИБЛ не претставува никаков проблем за тимот на Блокотехна, кој го заврши првиот дел од сезоната во регионалното натпреварување на првото место по денешниот убедлив триумф на гостувањето против Тирана (67-92). Идентично како и во првото коло на домашен терен во Гевгелија, избраниците на Марјан Илиевски и вечерва целосно доминираа во однос на противникот, заслужено завршувајќи го мечот со огромна позитива од 25 поени разлика.

Тирана успеа да парира само седум минути, за по минималното водство на македонскиот тим од 17-18, Блокотехна со серија од 2-8 да успее резултатски да се одлепи. Екипата од Гевгелија потоа целосно доминираше во вториот период од мечот, добивајќи го со 10-27 и решавајќи ги сите дилеми околу победникот. Убедливата предност му овозможи на тренерот Илиевски повторно да им даде шанса на дел од помладите играчи, но тоа не се одрази врз резултатот, па Блокотехна во седмиот меч од БИБЛ-лигата ја забележа својата шеста победа.

Бенџамин со 18 и Мијатовиќ со 15 поени беа најефикасни кај македонскиот претставник, Главчев и Дујковиќ реализираа по 11, а за одбележување е дека сите оние кои се појавија на теренот успеаја да се запишат меѓу стрелците (единствено Гоцевски не влезе во игра).

Се вчитува...