БОБАН НИКОЛОВ, благородната душа на националниот тим: „Се знае за кого ќе навива Хаџи – за Македонија!“

EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт (Италија), ЕлПаис (Шпанија), Ди Цајт (Германија), Спорт-Експрес (Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)….. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.

===============================================================================

Бобан Николов, момчето од златната генерација која Македонија ја однесе на ЕП 2017 за млади фудбалери, е главниот претставник на штипската фудбалска школа во македонската репрезентација. Иако, на само 15 години се одлучи од родниот Штип да се пресели во Академијата на легендарниот Георге Хаџи во Романија. И веднаш го освои срцето на големиот Хаџи со кого станува огромен пријател се до денес.

„Постојано сме во контакт. Знам за кого ќе навива на Европското првенство. Секако за Македонија. А, нема да ни изостане и широката поддршка во Букурешт. Има уште многу мои пријатели од Романија кои со цело срце ќе бидат со нас“ – вели Николов.

Во 2014 година, првиот натпревар на македонската репрезентација до 21 година под водство на Благоја Милевски, во која Николов е член, беше токму против Романија. Тогаш Хаџи не ни можел да претпостави за квалитетот на македонската селекција, впуштајќи се во интересен облог.

„Тогаш со Хаџи имавме еден меѓусебен облог која репрезентација ќе загуби тој да чести ручек. Но, Хаџи беше толку убеден во квалитетот на романската селекција, па рече ако победи Македонија тој ќе почести десет ручеци за мене, а ако победи Романија, пак ќе ме чести – но само еден. Ние победивме со 2-1. Навистина беше изненаден од нашиот квалитет, и во исто време и радосен. Сепак, ми беше тренер пет години и секако беше среќен за мојот фудбалски развој. Нормално, потоа и си плати ручек“ – се потсетува Николов, кој токму од Романија се вивнува во врвниот фудбалски професионализам.

И иако навидум се изгледа бајно, не може да каже дека деновите минати на само 15 години далеку од својот дом биле лесни.

„Не, напротив. Тешко е кога на само 15 години си издвоен од домот и се бориш сам далеку од семејството. Но, таков е фудбалот. Сепак, мора да кажам дека сум пресреќен што семејството секогаш било мојата најголема поддршка. Благодарен сум што ги имам и што се секогаш со мене, и кога сум најсреќен и кога ми е најтешко“ – вели Николов.

НЕРАЗДЕЛНИОТ ПРИЈАТЕЛ СО ЈАНЕ ВЕЛКОВСКИ

Боби Николов е вистински благодет за секој тим, секогаш во максимална функција на тимот неуморен работник во средниот ред. Но, и беспрекорна личност надвор од теренот, крајно благородна душа, еден од најголемите пријатели на најверниот навивач на македонската репрезентација Јане Велковски.

„Тоа е вистинска љубов“ – ќе рече Боби секогаш кога ќе го прашаат за Јане.

По Романија, фудбалскаа кариера го носи во Вардар каде е дел од најголемиот успех во историјата на клубот со пласманот во УЕФА Лигата на Европа. Потоа следи во унгарски Мол Фехервар во Унгарија и од оваа година во италијанскиот Лече чекајќи го сонот да заигра во Серија А. Претходно, овој месец со уште еден свој сон – настапот на собирот на најдобрите на Стариот континент!

Се вчитува...