Боби Милевски на прес пред Шпанија: Среќни сме што сме на ЕП, но не застануваме само на тоа!

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски ја одржа вечерва во Гдиња првата своја прес-конференција на Европското првенство во Полска. Сето тоа пред утрешното наше отворање на шампионатот и првиот натпревар против Шпанија во Групата Б…

„Среќни сме што сме тука на ЕП. Среќни сме што Македонија е меѓу 12 најдобри фудбалски земји во Европа. Но, секако не планираме да останеме само на тоа. Нашата желба е да го одржиме нивото на игра од квалификациите, сакаме да покажеме на терен одговорност и посветеност и да потврдиме дека не случајно сме во Полска. Играчите се повеќе од мотивирани и тоа најмногу ме радува. Желни се да го демонстрираат својот квалитет, и тоа е најважно во овој момент“ – истакна Милевски на прес-конференцијата пред домашните и шпанските медиуми.

На средбата со медиумите беше присутен и фудбалерот од средниот ред, Давид Бабунски кој го потенцираше фактот дека Македонија е тука да покаже дека не случајно е меѓу најдобрите на континентот.

„Горди сме што ќе играме на овој шампионатот. Горди сме што токму ние пишуваме историја за нашата земја. Факт е дека ја добивме најтешката група на првенството, но тоа е дополнителен мотив за секој од нас. На хартија можеби ние сме апсолутно аутсајдери, но само на теренот се потврдува квалитетот. На теренот ние ќе се потрудиме да покажеме колку вредиме“ – рече Бабунски.

Се вчитува...