Богата одбојкарска година: Подвигот на „спартанците“, клупски подеми на интернационалците, историјата на Шутова

Македонските одбојкари имаа распоред богат со активности во изминатата година, како на клупски така и на репрезентативен план…Имаа успешна година.

Походот на „спартанците“: Уште едно сребро и неуспешни евроквалификации

Втора година по ред македонската одбојкарска репрезентација стигна во финалето на Европската лига и втора година по ред се закити со сребрен медал. Жарко Ристоски, таму за последен пат како кормилар на националната селекција, го предводеше тимот до максимален број на победи во групните фази, но селекцијата на Естонија им ги скрши копјата на „спартанците“, како што селекторот и пошироката јавност милува да ги нарекува.

Следеше куса пауза во која се смени селекторот. На местото на Жарко Ристоски како замена дојде темпераментниот Николај Жељасков кој во минатото ја водеше репрезентацијата. Разигрувајќи против силните селекции на Естонија, Романија и на Чешка, одбојкарите не успеаја да обезбедат билет за историски настап на едно континентално натпреварување.

Јапонскиот цар Никола и владетелот на Корзика Јовица…

nikola gjorgiev slavi

Капитенот на одбојкарскиот национален тим, Никола Ѓоргиев, ја круниса својата кариера во јапонскиот клуб Торај Ароус освојувајќи го Царскиот Куп на оваа земја. Македонскиот интернационалец продолжува да биде главна фигура и во втората сезона откако е дел од Торај.

Тоа што го прави Ѓоргиев на Истокот, Јовица Симовски го прави во Франција. Македонецот изминатата година повторно беше еден од најуспешните поентери во француската Про-А лига. Со освојување на титулата во Купот, Симовски испиша историја во постоењето на клубот Ажаксио, а оваа година ќе се обиде да ја одбрани титулата.

Филип Деспотовски со својот клуб Аркада Галати стигна до полуфиналето на романскиот Куп, но не успеа да го освои трофејот. Оваа година ’диригентот’ на акциите на националниот тим ќе се обиде да го повтори тоа. Прва пречка кон финалето е Крајова со која ќе се пресмета на 25. јануари.

Јошко Миленкоски и Ѓорѓи Ѓоргиев во ММ Пјанго продолжуваат да целат кон највисоките места на табелата во турската одбојкарска лига. Поранешниот селектор го состави тимот од ’нула’ и ќе се обиде оваа година да стигне до плејофот.

Кичево и Шутова прославија историја

Сезоната 2015/2016 во домашното одбојкарско првенство мина во боите на Шутова. Кичевчани прославија 20 години од постоењето на клубот и се закитија со двојната круна и тоа за првпат. Кичево ги славеше своите херои кои во новата сезона имаат тешка задача за одбрана на двата вредни трофеја освоени минатата година.

Се вчитува...