Богдановиќ: Клубовите не треба да бидат општински, ваучерот е само еден чекор…

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, не го крие задоволството што во периодот на неговиот мандат тимот на Работнички го прекина повеќегодишниот пост без шампионска титула. При отчетот за првите две години од неговиот мандат, Богдановиќ воедно и најави дека „центарци“ би можеле повторно да играат во европските купови, доколку повторно стигнат до шампионскиот трофеј.

„Клубот се наоѓаше во незавидна финансиска состојба и тоа беше една од клучните причини поради кои не настапи во европските купови. Во меѓувреме состојбата е стабилизирана, можам да кажам дека ако Работнички освои нова титула, сериозно ќе ја разгледаме можноста да бидеме дел од натпреварувањата на ФИБА“ – истакна Богдановиќ.

Општина Центар е главен финансиер на КК Работнички, тренд што Богдановиќ сака да го прекине.

„Она што го повторувам веќе извесно време е дека клубовите не треба да продолжат да функционираат на ваков начин, како општински спортски колективи. Законот за ваучери е еден начин со кој се помага да се внесе приватен капитал во клубовите, но и тоа не е доволно за целосно покривање на буџетите. Ме радува што на здрави нозе застана и младинската школа на клубот, бидејќи тоа е долгорочната тенденција, да се намалува бројот на странците, а на нивно место шанса да добиваат играчи од школата. Сепак, јасно е дека ова е подолг процес за кој ќе треба да минат уште неколку години“ – рече Саша Богдановиќ.

Во меѓувреме, „центарци“ продолжуваат да плаќаат казни поради непостоење нормални услови за натпревар во салата „Градски парк“, а процедурата за изградба на нова сала се уште е блокирана.

Планот за изградба на нова сала на местото на „Градски парк“ е актуелен, но се уште трае процедурата на враќање на земјиштето на дел од парцелата, што бесправно бил отуѓен во минатото. Доколку конечно добиеме позитивна одлука за овој случај, во текот на следното лето би почнале со подготовки за стартување на изградбата“ – најави Градоначалникот на Општина Центар.

Се вчитува...