Богдановиќ со супер-партија за триумф на Сакраменто, Грифин ги реши своите „клиперси“

Кошаркарите на Сакраменто славеа против Шарлот со 104-97 во еден од синоќешните дуели во НБА лигата, благодарение на одличната партија на српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ.

Србинот мечот го заврши со 22 поени, шест скока и две асистенции за околу 30 минути игра. Богдановиќ го пратеа Дирон Фокс и Бади Хилд со по 21 поен, додека Вили Коли-Стајн забележа „дабл-дабл“ од 12 поени и 12 скока.

Детроит славеше против ЛА Клиперс на гостински терен со 104-109. Најефикасен во победничкиот тим беше Блејк Грифин, кошаркарот кој пристигна токму од Клиперс, со феноменални 44 поени, осум скока и пет асистенции. Одличен беше и Драмонд со 20 поени и 21 скок.

Кај домашните, Галинари постигна 23 поени, Вилијамс мечот го заврши со 22 поени, додека Монтрез Херез имаше ефект од 21 поен и девет скока.

Кошаркарите на Феникс го изненадија лидерот на Западот, Денвер со триумф од 102-93. На Денвер не им помогна ниту „дабл-дабл“ ефектот на Никола Јокиќ кој постигна 23 поени, дополнети и со 10 скока и четири асистенции.

Феникс до 11-та победа сезонава беше предводен од Кели Убре со 26 поени и 11 скока, како и од ДеАндре Ејтон со 22 поени и 13 скока.

Се вчитува...