Болт и Фелпс се богови на Олимп – може ли некој да ги достигне?

Олимписката 2016 мина во знакот на двајца великани на олимпизмот и на спортот – Усаин Болт и Мајкл Фелпс. ОИ во Рио ќе останат запишани како лебедова песна на двајцата големи спортисти кои и официјално се простија од настапите на Олимпијадите додавајќи ги последните олимписки одличја во својата богата колекција. Велат, никогаш не вели никогаш, но веќе е извесно дека љубителите на спортот на следните ОИ во Токио во 2020 не ќе можат да уживаат во настапите на извонредниот американски пливач, Мајкл Фелпс и во шоуто на најбрзиот човек на планетата, спринтерот од Јамајка, Усаин Болт.

Се врати, победи и се прости

phelps

Мајкл Фелпс е најуспешниот спортист во историјата на Олимписките игри. Извонредниот Американец на Игрите од 2004 до 2016 година освои 23 златни медали и уште пет други. Со вкупно 28 медали, Фелпс има дури 10 повеќе од легендарната гимнастичарка од поранешниот СССР, Лариса Латињина, која на Игрите од 1956 до 1964 година освои 18 медали од кои девет златни. Фелпс после ОИ во Лондон, реши да и стави крај на кариерата, но, потоа се врати во базенот и во Рио одново беше неприкосновен во олимписките води, освои пет златни и еден сребрен медал и тука стави крај.

„Во Токио би имал 35 години, тоа се години кога човек во пливањето едноставно мора да се повлече. Јасно ми е дека многумина ќе се обидат да ме наговорат да настапам барем во една дисциплина. Не оди тоа. Доста ми е од напорни тренинзи и големи откажување. Неизвесен беше и мојот настап во Рио. Веќе направив една пауза после Лондон кога видов дека веќе не можам да се носам со темпото на помладите. Сега е вистински крај на приказната“ – истакна Мајкл Фелпс.

Олимписки крај и за „молњата од Јамајка“

bolt

Крајот на кариерата е се поблиску и за Усаин Болт кој исто како и Фелпс високо ја подигна летвичката на спортските достигнувања и границата на човечките можности.

На Игрите во Пекинг, Лондон и во Рио, Усаин Болт постигна нешто што не го го остварил никој пред него, а тешко дека ќе го достигне и некој во скоро време по него. Спринтерот од Јамајка освои три пати по три олимписки злата во трките на 100 и на 200 метри и во штафетите 4х100. Во Токио, Болт би бил малку помлад од Фелпс, ќе има 34 години, но дури и за „молњата“, тие години се се поголем товар.

„Веќе кажав, а сега можам само да потврдам дека ова се моите последни Олимписки игри. Ќе трчам уште на Светското првенство во Лондон, следната година, а се понатаму е под прашање“ – рече Усаин Болт по настапот во Рио.

Атлетичарот од Јамајка во својата колекција има 11 „злата“ од Светските првенства и девет „злата“ од Олимписките игри. Со бројот на најсјајните олимписки медали Болт се изедначи со олимписките легенди – Kарл Луис, Паво Нурми, Марк Шпиц и Лариса Латињина. Но, сите тие имаат вкупно повеќе освоени медали од Болт. Бројот на медали на Латињина, Болт тешко би го достигнал и со уште три Олимпијади. Но, ако сепак, реши да трча во Токио, со две медали би го престигнал Луис, а со три би го престигнал Шпиц и би се изедначил со Нурми.

Може ли „молњата од Јамајка“ уште еднаш да блесене на олимпиското небо? Болт вели „не“, но неговиот ривал и колега во штафетата на Јамајка, Асафа Пауел, смета дека Болт во нозете има сила и брзина за уште една Олимпијада.

„Не грижете се, ќе го наговорам некако да трча и на Игрите во Токио“ – во шала најави Пауел.

Унгарката Хошу влезе во големото друштво

katinka 1111

Унгарската пливачка Катинка Хошу е далеку зад славата и недостижните резултати на двајцата олимписки великани, но таа сепак остави свој белег во базените во олимписката 2016.

Хошу Заедно со Мајкл Фелпс од ФИНА беа прогласени за најдобри пливачи во 2016. Признанието за 27-годишната Унгарка стигна најмногу благодарение на нејзините победнички настапи на ОИ во Рио на кои освои четири медали од кои три златни. Освен трите олимписки титули, Хошу е и петкратна светска шампионка на долги патеки. За неа Токио не е под знак прашалник. Унгарката веќе најавува дека Токио ќе биде врвот на нејзината кариера, што ќе донесе уште неколку олимписки медали во колекцијата.

Се вчитува...