Аргентинската напаѓачка ѕвезда на новиот италијански првак Интер, Лаутаро Мартинез летово ќе си замине од миланскиот великан и ќе се пресели во Мадрид, но не во Реал, туку во Атлетико Мадрид. Оваа информација бомбастично ја најави поранешниот центарфор на „нероаѕурите“, Никола Вентола, кој тврди дека целиот трансфер е договорен.
Напаѓачот во минатата година беше цел на Барселона, но Каталонците поради огромните финансиски проблеми и големите долгови од над една милијарда евра не можеа да ја активираат откупната клаузула од 111 милиони евра, па сега големата желба на Барса ќе ја украде Атлетико, ако се верува на информациите што ги има Вентола.
„Ќе активирам една бомба. Лаутаро Мартинез се сели во Атлетико Мадрид. Сѐ е завршено и тој заминува во Шпанија. Ми кажаа дека работата е готова и дека во Мадрид ќе биде одлично платен“, рече Вентола.
Диего Симеоне, тренерот на „црвено-белите“ е голем пријател со Лаутаро, а Интер кој е во сериозни финансиски проблеми, веројатно ќе биде приморан да го продаде својот извонреден напаѓач за да заработи добро, зашто Аргентинецот од летово влегува во последната година од својот актуелен договор.
Иако постоеја најави за потпис на нов договор тоа не се случи, па Интер ќе биде принуден да го продаде Аргентинецот за да ја покрие „дупката“ во буџетот и да може да ги покрие платите што им ги должи на фудбалерите за оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА