Реал Мадрид подготвува вистинска „бомба“ во европската кошарка, ќе му врачи отказ на Серџо Скариоло и на негово место ќе го доведе Педро Мартинез, врвниот стратег кој пред една седмица стана шампион на Шпанија со Валенсија.
Мартинез беше најзаслужен за сезоната од соништата на Валенсија, водејќи го овој тим до Ф4 турнирот од Евролигата каде беше елиминиран токму од Скариоло и од Реал. Педро сепак заслужено беше избран за тренер на сезоната во елитното европско натпреварување, поради одличните резултати со повратникот во елитата и вадењето на максимум од играчи од кои ниту еден не важеше за „крем на кошаркарска Европа“.
Флорентино Перез смета дека токму ваков стратег, кој инсистира на челична дисциплина, му е неопходен на тимот кој за првпат по 15 години не освои ниту еден трофеј. Преговорите се во тек, Мартинез начелно прифатил договор на три сезони за два милиони евра годишна плата, додека Валенсија ќе добие еден милион евра од клаузулата за предвремениот раскин на договорот со овој трофеен стратег.
Од целата ситуација ќе се офајди и Скариоло, кому „кралскиот клуб“ за преостанатите две години од валидниот договор што го има ќе треба да му исплати пет милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
