Серхио Рамос се уште нема потпишано нов договор со Реал Мадрид, а според најавите од Шпанија тоа нема да се случи наскоро без оглед на фактот што актуелниот договор на одличниот дефанзивец истекува на крајот од оваа сезона. Целата ситуација ја следи Жозе Мурињо, кој е подготвен да го направи Рамос најплатен фудбалер на Тотенхем за да го убеди Шпанецот да му се приклучи во Тотенхем.
Шпанскиот репрезентативец не ја крие желбата да потпише нов договор со Реал Мадрид, но финансиските проблеми на „кралевите“ се пречка во целокупната ситуација. Флорентино Перез нема ниту седнато да дискутира за нов договор со Рамос бидејќи треба за повеќе од двојно да ја намали платата на сегашниот капитен, свесен дека тоа може да донесе конфликт среде сезона што нема да донесе ништо добро никому.
Затоа, во Реал владее молк на оваа тема, а Тотенхем планира да ја искористи целокупната ситуација за да го доведе Рамос во своите редови. Мурињо имаше беспрекорна соработка со овој фудбалер додека го водеше Реал Мадрид, на Португалецот му е неопходен „командант“ во тимот, па затоа подготвува мегапонуда за да го убеди Рамос да му се приклучи во Тотенхем.
Неофицијално, понудата до Рамос ќе изнесува 300.000 фунти неделна плата, со што тој ќе заработува и повеќе од Хари Кејн. Воедно, дефанзивецот би добил и богати бонуси за секој освоен трофеј, но останува да се види дали тоа ќе биде доволно за Рамос да ја прифати понудата пред крајот на кариерата да си замине од Реал и да се пресели во Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА