Бомбач го бомбардираше Исланд, Словенија останува перфектна

Словенија останува со перфектен скор на ЕП 2020 откако избраниците на селекторот Врањеш и на четвртиот меч стигнаа до победа, овојпат над селекцијата на Исланд со резултат 30-27. Словенците одиграа одлично, предводени од маестралниот Деан Бомбач за кого исландските ракометари не најдоа лек во текот на 60-те минути игра.

Првото полувреме донесе бројни пресврти, Словенците тргнаа моќно и предводени од одличниот Бомбач рано стигнаа до убедлива предност од 7-2, по двата гола што во празна мрежа ги постигна Блаж Јанц. Исланд се разбуди благодарение на голманите, Халгримсон одбрани два седмерци, Густавсон додаде уште пет интервенции, што придонесе неколку лесни голови од контранапад Исланѓаните да стигнат до израмнување, а во 25. минута преку Гудмундсон и до првото водство на натпреварот. Словенија сепак подобро го приврши полувремето, па со голот во самиот финиш на Цехте избраниците на Врањеш заминаа на одмор со предност од 15-14.

Словенците го диктираа и темпото на почетокот од второто полувреме, поведувајќи со три гола разлика (20-17), благодарение на неколкуте одлични интервенции на голманот Ферлин. Бомбач маестрално диригираше со нападите на својата репрезентација, па предноста скокна и на најубедливи „плус шест погодоци“, но Исланд на пет минути до крајот намали на „минус три“ (28-25). Сепак, Словенија не дозволи чудо во финишот, ја задржа предноста до самиот крај и конечните 30-27.

Голманот Ферлин имаше 15 успешни интервенции, додека во нападот Бомбач беше незапирлив со девет гола (од 11 обиди) и десет асистенции до соиграчите. Во таборот на Исланд најефикасен беше Елисон со шест погодоци, но целосно потфрли Арон Палмарсон, со три погодоци од девет обиди кон противничкиот гол.

Се вчитува...