Бонучи: Самите сме виновни за поразот во Рим, но и судиите не не „милуваа“

Италијанскиот првак Јувентус го доживеа првиот пораз во Серија А оваа сезона губејќи од Лацио во Рим со 3-1. „Старата дама“ поведе со голот на Кристијано Роналдо, но работите не одеа во посакуван правец по исклучувањето на Квадрадо. Лацио тоа го искористи и со два гола во финишот стигна до голем триумф.

Дефанзивецот Леонардо Бонучи вели дека самите се виновни за поразот бидејќи дозволиле ривалот да се размавне во вториот дел, но потенцира и дека некои судиски одлуки можеби и биле престроги во корист на Лацио.

„Самите сме виновни, моравме подобро да ги контролираме настаните на теренот. Откако беше исклучен Квадрадо, Лацио тргна многу поофанзивно, а претходно примивме и израмнувачки погодок во последните моменти од првиот дел. Ќе ги анализираме нашите грешки, но мора да се напомене дека и судиите имаа некој строг критериум кога е Јувентус во прашање“, изјави Бонучи.

Интер сега е на врвот на табелата во Серија А со 38 бода, а Јувентус има два бода помалку на втората позиција.

Се вчитува...