Борко оди на Монпелје, Кире во Белорусија, најтешко за Талески, а најлесно за Манасков

Барселона славеше во последното коло против Пик Сегед со резултат 28-27, со што каталонскиот гигант се искачи на второто место во групата А. Со оглед на фактот дека се финиширани сите натпревари од групната фаза, како и првата нокаут фаза од групите Ц и Д, веќе се познати и сите двојки од осминафиналето во елитното европско натпреварување..

Борко Ристовски со Барселона за ривал ќе го има француски Монпелје, откако оваа екипа во нокаут фазата двапати беше подобра од Адемар Леон (24-28 во Шпанија, минимални 20-19 во Франција).

Дејан Манасков со Веспрем би требало да има нешто полесна задача, со оглед на фактот дека како второпласиран од групата Б ќе се сретне со Скјерн, кој денеска го елиминираше Мотор Запорожје.

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, би требало да се врати на теренот до осминафиналните пресметки, во кои неговиот Нант ќе ги одмери силите со Брест Мешков.

Најтешка задача барем на хартија би требало да има Филип Талески со Некар Левен, кого го очекува пеколен двомеч со поранешниоот европски првак Кјелце. Во преостанатите две осминафинални пресметки ќе се сретнат Фленсбург и Кристијанштад, односно Кил и Пик Сегед (од каде подобриот тим ќе оди на четвртфинален мегдан против Вардар).

Првите осминафинални натпревари се закажани за периодот од 21 до 25 март, а реваншите ќе се играат седум дена подоцна.

Се вчитува...