Борко Ристовски: Потребен е нов Закон за Спорт, да се стимулираат компаниите за посериозни инвестиции

Борко Ристовски од летово има сосема поинаква улога, откако ја замени голманската позиција со функцијата извршен директор на РК Вардар. Предизвикот е голем, но искусниот интернационалец со многу ентузијазам влезе да го врати двократниот европски првак на врвот на македонскиот ракомет.

Главен проблем како и секогаш се финансиите, за што Ристовски е убеден дека е неопходно носење на нов Закон за Спорт.

„Свесно влегов во ова, и ја сакам оваа работа. Сите овие големи обврски и предизвици што се надвиснати над Вардар само ми се мотивација да покажам дека можеме и во Македонија да создаваме добра и успешна спортска приказна. И сите компании кои се општествено одговорни да се почувствуваат дека имаат каде да вложат со цел да му се помогне на спортот, а и самите тие да бидат видени на најсоодветен начин. Секако дека сум многу среќен што за вака кратко време успеавме да привлечеме нови спонзори, и да им покажеме и на оние што размислуваат дека треба што побрзо да се приклучат на нашето семејство. Во исполнувањето на нашите цели голем удел имаат финансиите. Затоа сметам дека треба поразлично да функционира Законот за спорт, да им овозможи на компаниите да се ослободат од сегашната стега и да можат повеќе пари да вложуваат во спорт, култура… Сите што ќе сакаат да вложат да бидат и пропорционално ослободени од даноците, како соодност за тоа што ќе го вложат. Така ќе се подгигне општествената одговорноста кај сите компании. А има многу компании кои сакаат да вложуваат во спортот. Треба нов Закон за спорт кој би бил поприфатлив за сите, поголема контрола и поттикнување да се вложува во спортот“, вели Борко Ристовски како дел од интервјуто за РК Вардар.

„Црвено-црните“ лани имаа разочарувачка сезона освојувајќи го третото место, а целта за сезонава е целосна консолидација.

„Целта годинава е фокусирана на два сегменти, финансика стабилизација и косолидација, а во исто време, резултатски и играчки да се следи таа финансика конструкција. Да бидат трошоците на минимум, и да имаме успешна трансформација. Досега добро одиме и чекориме. Двата трофеи, во Струга и Супер купот се одраз на тоа. За некои „неважен“, но за нас Струга е показател и навестување како ќе се случуваат работите сезонава. Ни покажа како треба да работиме понатаму. И освојувањето на Супер купот ни даде до значење дека ќе бидеме конкурентни сезонава, но, ни даде и нас како раководство задача да го исполниме нашиот дел, да бидеме финасиски стабилен клуб и да ги следиме резултаите што ги постигнуваат играчите. Направивме добра селекција со помош на стручниот штаб, на Недановски, Стоилов и Рогановиќ. Ние сме сервис на играчите, и правиме се тие да немаат притисок, туку тој да е кај нас. Со овие почетни резултати играчите ни дадоа на знаење дека треба да ги следиме. И ние сме подготвени на тоа,“ истакнува Ристовски.

Новата сезона штотуку почна, а според долгогодишниот репрезентативец годинава битка за титулата ќе се води меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, кои според Ристовски имаат подобар тим од вицешампионот Алкалоид.

„Двете најквалитени екипи се Еурофарм Пелистер и Вардар, од втор план за титулата би требало да се замешаат Алкалоид, Тивеш и Охрид. Тие би биле во првата петорка“, смета Борко Ристовски.

Тој се осврна и на судењето на битолската судиска двојка која беше задолжена за правдата на финалето на Струшкиот турнир, како и на мечот од Суперкупот на Македонија. Вардар славеше и на двете средби, но Ристовски не го крие незадоволството од одредени одлуки на Тодоровски и на Митревски.

„Судењето секогаш било главна тема, табу тема, и никој никогаш не сакал јавно да зборува. Но, напротив за се треба да се разговара, да се укаже, да се превенира, да се подобри. И во Струга и во Струмица имавме судење од иста судиска двојка, едни од најдобрите во Македонија. Донекаде можам да разберам да се има притисок, да се чувствува важноста на натпреварот, па и да се прават грешки, како што тоа беше во и во Струга и во Струмица. Но, не можам да разберам да се носат одлуки за кои цела сала може да види дека се на штета на Вардар, или пак на другиот тим,  и да не се превземе ништо да се променат тие работи. Нормално е да се греши, но и да се еволуира и на следниот меч да има помалку грешки. Нам ни останува само да се надеваме дека делот со судењето ќе се подобри, генерално за сите. Не бараме судење во ничија корист, туку едноставно – чесност и 50-50, па нека победи подобриот. Се залагаме за ферплеј на теренот и надвор од него. Во крајна мера, ако не се подобри ситуацијата и ако се продолжи со правењето сопки, и има разни игри околу Вардар, кои можеби во минатите години успевале, сега ако не се поправи стуацијата ќе бараме и судии од странство за дерби средбите, за да се добие на чесноста и да нема влијание од различни страни. Треба на терен да ја мериме силата“, смета Ристовски.

Се вчитува...