Борзаш и Кузмановски едногласни: Без почит, со максимална посветеност до победа против Кил

По двата порази на почетокот на сезоната Еурофарм Пелситер има тешка задача да ја прекине црната низа. Во третото коло од најсилното ракометно првенство во Битола во среда гостува досега непоразениот германски шампион Кил.

Српскиот интернационалец Урош Борзаш пред натпреварот го анализираше противникот, а изјави и дека битолчани не треба да влегуваат во мечот со преголема доза на почит, напротив да се борат максимално пожртвувано на теренот.

„Кил е секогаш Кил, но не треба да влеземе во натпреварот со преголемо почитување. Тие се светска екипа и освојуваа многу титули и треба да се бориме до крај и да се обидеме да извлечеме добар резултат, ако тоа е возможно. Пред домашната публика, која е меѓу најдобрите во светот, можеме да парираме и да се бориме до крајот.

Кил игра на многу контри и полуконтри, но ќе се обидеме да ги лимитираме и да возвратиме. Веруваме дека можеме да се наметнеме. Кил има промени за разлика од ростерот минатата сезона, ќе се погрижиме да уживаме и да одиграме најдобро што можеме.

Не беше убаво да се загубат натпреварите и против Вардар 1961 и во Лигата на шампионите. Знаеме каде грешевме и верувам дека ќе се поправиме. Добро ни дојдоа победите во Суперлигата, растеме како тим и желно го чекаме натпреварот против Кил“, изјави Борзаш.

Сличен е и погледот на Цветан Кузмановски кој верува дека со поука од грешките на гостувањето кај Алборг и максимална пожртвуваност битолчани можат да се радуваат на победа.

„Сите знаеме каква екипа е Кил. Гледавме видео материјали, се обидовме да ги анализираме, а имаме и уште два тренинзи за да се подготвиме. Се надеваме на добра и борбена игра, без голем респект кон нив, иако имаат ракометари од светски рамки. Верувам дека ќе дадеме максимум и тоа ќе ни донесе добар резултат.

Добро отворивме против Алборг, но веројатно од неискуство дозволивме лесни голови и огромно заостанување. Имавме избрзани шутеви, пад на концентрација и сигурно неискуство, па Алборг дојде до убедлива победа.

Кил е исто така нова екипа, сепак е септември и поразите во Бундеслигата се вообичани“, вели Кузмановски.

Се вчитува...