Бостон е „недопирлив“ на „Истокот“, нова победа над Индијана

Бостон уште еднаш потврди зошто важи за најдобар тим на Источната конференција откако селтикси славеа и на третиот дуел со Индијана, овојпат на гостински терен со 111-114. Со тоа, Бостон има водство од 3-0 во серијата до четири победи и е на добар пат да се пласира во големото финале и да го нападне трофејот што „зелените“ го чекаат цели 15 години.

Последната победа е значајна ако се знае дека Индијана доминираше во големи периоди од првото полувреме, домаќините имаа и по 18 поени предност во втората, потоа и во третата четвртина,  но и тоа беше недоволно за да се стигне до триумф. Индијана имаше „плус 12“ на почетокот од четвртата четвртина, но Бостон одгра најдобро кога беше најважно, се разбуди Џру Холидеј и го предводеше тимот на селтикс до голем пресврт и победа.

Џејсон Тејтум беше најефикасен и на овој меч на Бостон со 36 поени, Џејлен Браун имаше 24, а Холидеј заврши со 14 поени, но речиси сите во последната четвртина. Кај Индијана најефикасни беа Нембхард со 32 и Меконел со 23 поени.

Се вчитува...